ЈУСИ АДЛЕР ОЛСЕН
Данска
Јуси Адлер-Олсен (1950) е еден од најпопуларните и најчитани дански писатели. Во младоста свирел гитара во неколку поп-групи. Студирал медицина, социологија, филм. Бил издавач, уредник, композитор на филмска музика и продавач на книги. Добитник е на огромен број награди, а четири негови книги имаат и филмски адаптации. Неговите книги се број 1 препорака за сите љубители на скандинавски трилери. Серијалот крими-трилери за секторот Q го вбројува меѓу најпознатите и најнаградувани европски автори.
Жената во кафезот
Превод: Лара Крстева-Ичокаева
Прогонувана. Киднапирана. Но достоинствена. И борбена. Гребе со ноктите по голите ѕидови на просторијата во која е заробена додека прстите не почнат да ѝ крвават. Нема начин да одреди колку е часот или кој ден е, па неделите и месеците минуваат како на бескрајна лента. Прикриениот глас во темнината е груб и немилосрден. Вели дека сето тоа ќе престане кога ќе му одговори на едно едноставно прашање…
Истрагата на мистеријата за исчезнувањето на младата политичарка Мерете Лингор е првата задача што ја презема секторот Q, во кој единствени вработени се детективот Карл Морк – кој се враќа на работа по престрелка во која едниот од неговите колеги останува парализиран, а другиот е убиен – и сирискиот имигрант Асад. Тие сметаат дека нешто е пропуштено во истрагата. Навистина, Мерете не е мртва. Сè уште не!
„Жената во кафезот“ е одличен почеток на серијалот книги за секторот Q! Веднаш по објавувањето, книгата се искачила на првото место на топ-листите и се задржала на врвот на бестселери цела година! Според книгата е снимен и филм.