МАРИНА ВУЈЧИЌ
Хрватска

Марина Вујчиќ е родена во 1966 година во Трогир. Дипломирала хрватски јазик и југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб.

Во 2010 година го објавила романот „Туѓ живот“. Романот „Тогаш Божо почна од почеток“ во 2015 година се нашол во потесниот избор за Европската награда за книжевност.  За драмата „Умри женски“ ја добила националната награда на Министерството за култура на Република Хрватска, „Марин Држиќ“.

Во 2015 година го објавила романот „Тоа можев да бидам јас“. Истата година, на натпреварот меѓу В. Б. З. и Тисак медиумите, романот „Сосед“ ја освоил наградата за најдобар необјавен роман.

Објавила уште неколку книги, меѓу кои и „Педесет цигари за Елена“, за кој во 2021 година ја добива наградата „Буктиг“ за најчитана книга во истарските книжарници.

Нејзините дела се поставувани на сцените на театрите на Хрватска и Албанија.

Двократна добитничка е на театарската награда „Марин Држиќ“.

Членка е на Хрватското друштво на писатели, а моментално е на позицијата драмски директор во Хрватскиот народен театар во Сплит.

 

Педесет цигари за Елена 
Превод: Владимир Јанковски

„Педесет цигари за Елена“ во својата основа ја има теоријата на хаосот, „ефектот на пеперугата“ на ниво на малиот човек и неговото секојдневје.

Оливер Радман во спомен на роденденот на својата сестра близначка, која загинала пред дваесет и шест години, решава да испуши педесет цигари. Ја запалува првата цигара и на полноќ тргнува во прошетка низ градот, не насетувајќи дека ќе влијае врз животите на тројца луѓе: очајната мајка што не знаела дека нејзиниот сопруг е криминалец, младиот новинар што не може да спие ако некој се наоѓа покрај него на креветот и депресивната млада жена заробена во несреќен брак.

„Марина е речиси филмски режисер и брилијантен монтажер на своите литерарни сништа. Нејзините ликови чекорат низ Загреб и ги среќаваме секојдневно. Им ги препознавам лицата, бојата на косата и очите. Блескав, навистина блескав роман…“

Раде Шербеџија

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment