Елој Морено

Елој Морено (Кастељон, Шпанија, 1976) е писател, автор на книги за деца и возрасни и во моментот е најчитаниот современ шпански автор. По студиите по информатика и работата како информатичар, во 2010 година решава самостојно да го објави својот прв роман, „Зеленото пенкало“, кој со текот на времето ќе продаде повеќе од 250 000 примероци.

Следуваат романите „Она што го најдов под каучот“ (2013), „Подарокот“ (2015) и „Невидлив“ (2018), со кој Морено стекнува огромна меѓународна публика. „Невидлив“ е преведен на повеќе од 15 јазици и е адаптиран во серија за Disney+.

Потоа ги објавува „Земја“ (2020), „Различен“ (2021), „Кога беше забавно“ (2022) и „Мрежи“ (2024), роман сместен во истиот универзум со „Невидлив“ и е посветен на влијанието на социјалните мрежи.

Неговите книги се преведени на повеќе од 25 јазици и се објавуваат во над 30 земји.

Неговата збирка „Приказни за да го разбереме светот“ е наменета и за возрасни и за деца и се чита во голем број образовни установи. Неговиот најнов проект е збирка илустрирани приказни за најмладите: „Заедно“, „Сакам сè“, „Невидлив“ и „Правилата на глувчето Перез“.

Има продадено повеќе од три милиони примероци од своите книги. Во 2025 година, заедно со илустраторот Давид Сиера, го создава „Новото патување на Малиот принц“, продолжение на класиката на Антоан де Сент-Егзипери.

Покрај тоа, Морено на 8 февруари 2025 година го собори Гинисовиот рекорд за најмногу потпишани книги во 12 часа, со неверојатни 11.088 потпишани книги. Елој Морено е еден од најчитаните и најомилените писатели, познат по својата способност да обработува универзални теми со особена чувствителност и секогаш од неочекувани перспективи. Пишува за секојдневниот човек и за теми што ги препознаваме во сопствениот живот – осаменоста, семејството, љубовта, социјалниот притисок, врсничкото насилство, технологијата и потребата да бидеме видени и прифатени. Неговите книги се одликуваат со едноставен и непосреден стил, но отвораат сложени морални и општествени прашања.

 

www.eloymoreno.com

@eloymorenoescritor

 

Новото патување на Малиот Принц НОВО

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

„Антолог“, Скопје, 2026

 

Осум децении по објавувањето на бесмртниот класик на Антоан де Сент-Егзипери, Морено му оддава почит, но и му дава нов живот, потсетувајќи нè дека она што навистина е важно и денес често останува невидливо за нашите очи.

Во ова ново патување, настраданиот пилот повторно се среќава со Малиот принц, кој овој пат бара од него да му нацрта кртот што ќе ги јаде корените на баобабите пред тие да ја уништат неговата планета. Така започнува нова авантура во која спомените од првата средба се испреплетуваат со нови приказни и необични средби.

 

Невидлив

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

„Антолог“, Скопје, 2022

 

Едно дете, водено од најлошиот советник – стравот, посакува да стане невидливо за да се спаси од насилството што го трпи од соучениците. Но неговата невидливост не е само супермоќ – таа е метафора за сите оние кои го гледаат насилството, но избираат да не реагираат.

Потресна приказна за училишното насилство раскажана низ перспективите на жртвата, насилникот, пријателите, родителите и наставниците. Романот потсетува дека никој не е невидлив ако другите не му помогнат да стане невидлив.

Морено со едноставен, непосреден и емотивен стил зборува за стравот, осаменоста, пријателството, емпатијата и одговорноста да не ја свртуваме главата од туѓото страдање.

Романот има доживеано повеќе од дваесет изданија и е преведен на голем број јазици. Добитник е на наградите „Јолео“ и „Аче“ за 2019 година, а бил и финалист за наградата „Менхалибрес“.

 

Мрежи

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

„Антолог“, Скопје, 2026

 

Во светот на инфлуенсерите, совршените тела, патувањата и бескрајните лајкови, Бети почнува да се споредува со животите што ги гледа онлајн. Реалноста ѝ изгледа недоволно добра, а границата меѓу вистинскиот и виртуелниот живот станува сè понејасна.

Како продолжение на „Невидлив“, романот повторно ги следи истите тинејџери, но овојпат во центарот е врската меѓу Бети и Алекс и нивната борба да останат поврзани во свет во кој технологијата постојано нè поврзува, а сепак може да нè направи осамени.

„Мрежи“ е повик да размислиме за местото на дигиталниот свет во нашите животи и за она што не може да се измери со лајкови: љубовта, пријателството, емпатијата и вистинската блискост.

 

Земја

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

„Антолог“, Скопје, 2025

 

Најбогатиот човек на планетата создава ријалити шоу што го следи целото човештво. Во центарот на спектаклот е неговиот амбициозен план: осуммина луѓе да бидат испратени на Марс за да ја создадат првата човечка колонија надвор од Земјата – без можност да се вратат.

Возбудлив роман за моќта на телевизијата и социјалните мрежи, манипулацијата со вниманието и односот на човекот кон планетата што ја населува.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment