Весна Мојсова-Чепишевска (1967, Скопје). Дипломирала (1989), магистрирала (1996) и докторирала (2002) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Веднаш по дипломирањето, во 1990 година е вработена на Факултетот, каде го минува сиот досегашен работен век, од асистент до редовен професор. Предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, предмети од областа на книжевноста за деца, како и предмети од областа на македонската култура. Од 2012 година е редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ на којшто ја извршува и функцијата продекан за настава (2004 – 2008). Во моментот е кораководител на Трет циклус студии по македонистика на Докторската школа при УКИМ. Од 2002 година работи и како лектор по македонска литература и јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид (МСМЈЛК при УКИМ). Од 2019 до 2023 таа е директор на МСМЈЛК при УКИМ. Авторка е на десет монографски публикации (научни книги), од кои девет се за современата македонска книжевност, додека една е за книжевноста за деца. Приредувачка е на единаесет антологии, од кои пет се објавени надвор од Македонија, а авторка е и на учебникот по македонска литература за странци „Везилка“ (издание на УКИМ, 2019 – прво издание и 2022 – второ изменето и дополнето издание). Таа е и еден од авторите на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Добитничка е на неколку признанија меѓу кои се и на наградите „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи (за 2015) на Друштвото на писатели на Македонија и „13 Ноември“ на Град Скопје (за 2022).