Сања Михајловиќ-Костадиновска
Сања Михајловиќ-Костадиновска (1982), поради сплет на околности, работи на Филолошкиот факултет како професор по шпанска книжевност. Случајно станува писателка на следниве книги: „517“, „(Бес)конечни модели на расказот“, „Во кратки црви“, „Сонувалко“ и „Атолото“. Во моментов не пишува ништо заради немање време или инспирација, не знае точно, но креативното пишување наспроти здодевното академско пишување секогаш го доживува како ослободувачки чин.
Во кратки црти
„Бегемот“, Скопје, 2021
„Расказите се запишани во трето и почесто во прво лице, од веродостоен наратор, кој сепак повремено како со сласт да ужива и во неверодостојност, користејќи ја за заводливо да го води читателот низ приказната. […] Речиси сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати, кои сепак се некаде во современоста и во урбани средини, а тоа остава впечаток на автобиографичност на расказите. Но, овој пристап (неретко исповедниот тон и одмерената лиричност, кои ни за миг не оддаваат нијанси на патос) може да се гледа како мала, незабележлива и успешно приредена замка, а онаа нежна, спонтана запрашаност помеѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата е само уште една питка одлика на оваа збирка.“
Живко Грозданоски