Обединетото Кралство 🇬🇧

Софи Хана (1971) е бестселер авторка на „Сандеј тајмс“ и на „Њујорк тајмс“. Објавена е на педесет и еден јазик, а нејзините книги се продадени во милиони примероци низ светот.

Aвторка е на новата серија романи-продолженија со Херкул Поаро, нарачани од семејството на Агата Кристи, кои досега се вкупно пет. Во 2014 година, со благослов на семејството и правните наследници на Агата Кристи, Софи Хана објави нов роман за Поаро, „Убиства со монограм“, кој беше бестселер во повеќе од петнаесет земји.

Во тек е снимањето на мјузиклот со убиства „Мистеријата на господинот Е“, напишан заедно со нејзината пријателка и композиторка Анет Армитаж. Премиерата на филмот е закажана за декември 2023 година.

Софи има објавено две збирки раскази и пет збирки поезија – од кои петтата, „Песимизам за почетници“, влезе во потесниот избор за наградата T.С. Елиот. Нејзината поезија е вклучена во академските програми во Обединетото Кралство. Со нејзина помош е отпочната магистерска програма за пишување криминалистички романи на Универзитетот во Кембриџ, каде што е главен предавач и предметен раководител. Покрај тоа, основач е на програмата за обука на писатели DREAM AUTHOR (www.dreamauthorcoaching.com). Живее со сопругот, децата и кучето во Кембриџ, каде што е почесен соработник на колеџот „Луси Кевендиш“.

Вака таа ги објаснува своите различни интереси кога станува збор за пишувањето: „Мислам дека е смешно што завршив во четири жанри на кои некои луѓе сакаат да гледаат со потценување: поезија за која ти треба рима, продлабочени размисли, а сепак да има смисла; криминалистичката фикција во која главна алатка се загатките и решенијата; романите-продолженија; и книгите за самопомош! Имам огромна љубов и почит за сите овие нешта.“

 

Тивката ноќ на Херкул Поаро НОВО
превод од англиски: Весна Ликар

Денот е 19 декември 1931 година, а Херкул Поаро и инспекторот Едвард Кечпул добиваат повик да истражат убиство на човек што се случило во навидум сосема безбедна средина, на оддел од болница во Норфолк. Мајката на Кечпул, Синтија, инсистира Поаро да престојува во трошна куќа на брегот, за сите да можат да бидат заедно за време на празниците додека Поаро го решава случајот. Пријателот на Синтија, Арнолд, набргу треба да биде примен во истата болница, а неговата сопруга е убедена дека токму тој ќе биде следната жртва на убиецот, иако одбива да објасни зошто мисли така. Поаро има помалку од седум дена да го реши злосторството и да спречи уште убиства, доколку сака да избега од кошмарно сценарио и да се врати дома за Божиќ.

 

 

Убиствата во Кингфишер хил
Превод од англиски: Марија Петковска

Херкул Поаро патува со луксузен пајтон до елитниот имот „Кингфишер хил“. Тој и неговиот верен придружник, инспектор Кечпул, се најмени од Ричард Девонпорт да го истражат убиството на неговиот брат Френк и да докажат дека неговата свршеница Хелен е неправедно осудена за убиството. Но има еден чуден услов. Поаро не смее да ја открива вистинската причина зошто е таму пред другите членови на семејството Девонпорт.

 

 

 

 

Мистеријата на трите четвртини
Превод од англиски: Јулијана Јанкуловска

Враќајќи се од ручек, Херкул Поаро еден ден пред својот дом затекнува налутена и бесна жена. Инсистира Поаро да ѝ објасни зошто ѝ испратил писмо во кое ја обвинува за убиство на човек за кого таа никогаш не слушнала.

Поаро е збунет и видно вознемирен влегува дома, каде што го чека уште еден непознат посетител што исто така тврди дека утрово примил писмо со обвинение за истото убиство. Поаро се прашува уште колку такви писма се испратени во негово име.

 

 

 

Затворениот ковчег
Превод од англиски: Јулијана Јанкуловска

Леди Ателинда Плејфорд е една од омилените авторки на книги за деца. Таа приредува забава на својот имот. Додека гостите пристигнуваат, леди Плејфорд го повикува својот адвокат за да го измени тестаментот и сето тоа да го соопшти во текот на вечерта. Одлучува да ги лиши сопствените деца од сè, а целото богатство да му го остави на некој кому му остануваат сè на сè неколку недели живот.

 

 

 

 

Убиства со монограм
Превод од англиски: Јулијана Јанкуловска

Мирната вечера на Херкул Поаро во едно лондонско кафуле ја прекинува непозната жена што му се доверува дека наскоро ќе биде убиена. Иако видно уплашена, таа го моли Поаро да не го бара нејзиниот убиец бидејќи со нејзината смрт правдата ќе биде задоволена. Истата вечер во еден отмен лондонски хотел се убиени тројца гости, а на секого од нив во уста му е оставено по едно копче. Дали овие убиства се поврзани со преплашената жена? И, додека Поаро се труди да го расветли случајот, на повидок е четврто убиство.

 

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment