Доделување на наградата „BookStar“ 2024 за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“
Разговор со авторот Јон Калман Стефансон (Исланд)
„Нашите зборови се збунети спасувачки тимови со застарени мапи и птичја песна наместо компаси. Збунети и целосно изгубени, а работа им е да го спасат светот, да ги спасат згаснатите животи, да ве спасат вас, а надежно и нас. Но ќе ги одложиме натамошните размисли и тешките прашања и ќе се навратиме уште еднаш на ноќта и на бурата, ќе го најдеме момчето и ќе се обидеме да го спасиме навреме од сонот и од смртта.“
Сеопфатно искуство кое продира најдлабоко во човекот, пружајќи му исконско патување низ природата – трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ на Јон Калман Стефансон е доказ за лирскиот квалитет проткаен во прозно дело, односно умешноста на авторот да спои идиолект на поет со приказна зачната од прозаист. Во „Помеѓу рајот и пеколот“, Стефансон ги спојува метафизичките размисли со поетски вдахновените слики, создавајќи наратив-огледало на величествените пејзажи на Исланд, навлегувајќи во егзистенцијални теми. „Солзите на ангелите“ ја продолжува оваа синтеза, користејќи поетски јазик за да ја евоцира суровата реалност на животот, мешајќи ја интроспективната длабочина на епската нарација. „Срцето на човекот“ дополнително го акцентира спојот на испреплетени лични приказни со филозофски размислувања, истражувајќи ја човечката поврзаност и природата на постоењето. Секој од романите го „заробува“ читателот во свет на замаглени жанровски граници, нудејќи динамично книжевно патување. Ваквата постапка ја подобрува емоционалната резонанца на наративот, покажувајќи како лирскиот белег кај авторот се истакнува во прозните достигнувања. Ова докажува дека Стефансон мајсторски го има сработено метаморфозниот елемент на текстот, за што и побудува низа емоции кај читателите. Сликовитиот приказ на немилосрдната исландска природа авторот го вовлекува до најдлабокото од човекот – очајот за да ја прослави спасителната моќ на пријателството. Oваа триологија може да се класифицира како исклучително лична и длабоко интимна приказна – не зашто читателот е внесен во чудесната природа во светот на Стефансон туку токму поради секојдневните чувства кои се обработуваат – тага, болка, надеж, радост.
Годинашниот лауреат на наградата „BookStar“, Јон Калман Стефансон ја има таа моќ преку своето пишување и најсекојдневните случувања и чувства да ги направи уникатни патувања врз имагинацијата на читателот од кои тој нема да излезе ист, каков што бил на почетокот.
Настанот ќе го модерираат Александар Маџаровски и Никола Маџиров.