Разговор со авторите Калина Малеска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Антоновски
Модератор: Симона Јованоска
Што значи да се биде писател денес? Дали книжевната работа може да се сфати како професија, или таа останува во полето на ентузијазмот и страста за пишување? Во какви (не)прилики вегетира домашната литература? На кои обврски и права подлежи македонскиот писател? Што со наградите?
Овој панел ќе ја отвори темата за писателските работи во најширока смисла – од создавањето на делото до неговиот пат кон читателот.
Посебно внимание ќе се посвети на предизвиците со кои се соочуваат авторите: финансиската неизвесност, ограничениот пазар, недоволната поддршка за промоција и преводи, како и соработката со издавачите. Панелот ќе отвори и прашања за хонорарите – како се вреднува писателската работа, што значи фер надомест, како се пресметува процент од продажба и како се создава систем во кој пишувањето може да стане професија.
Ќе се дискутира и за улогата и значењето на книжевните награди: дали тие се вистински поттик и признание за авторите или, пак, само симболичен чин што ретко ја менува реалната позиција на писателот.
Во разговорот ќе се истакнат и предностите: слободата на творештвото, креативната автономија, можноста да се допрат нови читатели и културни простори. Учесниците чии дела ја одбележаа минатата книжевна година ќе се осврнат и на иднината: што може да се направи за да се подобрат условите, кои модели би биле корисни за книжевната заедница, и како авторите можат заеднички да настапуваат за поголема видливост и подобар статус.