АВСТРИЈА / ГЕРМАНИЈА
Куратор за книжевната програма на „Културзомер“ – Виена, Австрија
Новинар/блогер „Литературпаласт“ – Виена, Австрија
Тино Шленх е професор, новинар и блогер, соработник на „Традуки“ и куратор на книжевната програма за виенскиот „Културзомер“ шестнеделен фестивал кој се случува секое лето во главниот град на Австрија.
Роден е во Пранцлау, Германија. Студирал германска литература и културолошки студии во Лајпциг, Берлин и во Виена. За време на студииите бил практикант во неколку списанија и издавачки куќи, што му овозможило да почне да пишува книжевни критики. Во 2018, како истражувачки асистент во областа на современата историја на Универзитетот во Виена, го основал блогот „Литературпаласт“ кој се фокусира на литературата од Источна Европа. Во 2020 блогот добива и свој поткаст, чија продукција е остварена во соработка со мрежата „Традуки“ (Фондација „З. Фишер“). Поради неговите познавања од областа на источноевропската литература, Шленх често организира литературни читања и настани во Австрија и во Германија со автори од овие држави.
Неговиот блог заедно со истоимениот инстаграм-профил „Литературпаласт“ имаат над 12 000 следбеници. За неговата работа ги добил наградата за Најдобар книжевен блог „BookBlog“ на Саемот за книги во Франкфурт 2021 и наградата „Берзенблат“ 2021. Бил модератор на различни настани во Австрија и соработувал со голем број издавачки куќи кои објавуваат преводи на германски јазик, како нивен стручен консултант за автори кои доаѓаат од Источна и Југоисточна Европа.
Тој е член на жирито за две важни литературни награди: „Exilliteraturpreise“ – награда за автори на кои германскиот не им е мајчин јазик и „Preis der Hotlist“ за најдобра книга од независен издавач, која се доделува на Саемот за книга во Франкфурт.
Досега остварил контакт со неколку македонски автори, но планира уште поубаво да ја запознае македонската книжевна сцена.
https://www.literaturpalast.at/