Иницијативата за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше започната во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор. Од 2023 година наградата и официјално се доделува во две категории:

  • Награда „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик
  • Интернационална награда „Драги“ за најзначаен книжевен превод од македонски автор

Наградата е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули минатата и 30 јуни тековната година. 

Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма (нефикциските дела не се опфатени од конкурсот).

Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира една книга.

Во случај еден преведувач да биде номиниран со повеќе од еден превод, организаторите ќе стапат во контакт со преведувачот да одлучи со кој превод ќе биде номиниран.

Конкурсот е отворен до 30 јуни секоја година.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма  на имејлот oglasi@antolog.mk.

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари.

Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.

 


 

Досегашни добитници

 

Награда „Драги“:

2024 – Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Интимен живот“ од Николо Аманити во издание на „Антолог“.

2023 – Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.

2023 – Специјално признание за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски за Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.

Интернационална награда „Драги“:

2024 – Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на книгата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски на германски јазик, во издание на „Гуголц“, Берлин.

2023 – Александра Јоаниду (Грција) за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на „Гутенберг“ (Ρούμενα Μπουζάροφσκα, “Ο άντρας μου”, mετάφραση. Αλεξανδρα Ιωαννιδου).